Tuesday, May 12, 2015

Причинители


Најчест причинител на кандидијазата е Candida albicans (во 85 - 90% од случаите), Candida glabrat се наоѓа во 5 - 8% од случаите, причинители се останатите видови од овој род на габи: Candida krusei, Candida famata, Candida tropicalis и Candida lusitaniae.
Родот Candida е многу хетероген и постојат околу 200 различни видови. Candida albicans е дел од нормалната физиолошка флора на човекот, односно микроорганизмот е нормално присутен во здравиот организам. Обично кандидата не е штетна за организмот и живее на слузниците. Таа се наоѓа на слузницата на вагината кај 35% од здравите жени, на слузницата на горните дишни патишта кај 77% од здравите лица, како и на слузницата на системот за варење кај 85% од луѓето. Киселоста на вагината и присуството на други, нормално присутни микроорганизми, го одржува бројот на кандидата на слузницата на женските полови органи на многу мали вредности. Извор на инфекцијата најчесто се сопствените кандиди, кои нормално се присутни на слузницата на вагината.
Иако инфекцијата со Candida не се смета за полово пренослива болест, сепак причинителот може да се пренесе преку полов контакт со инфицирано лице. 12-15% мажи, по сексуален однос со инфицирана жена, ќе развијат симптоми на инфекција како: печење, јадеж и осип на пенисот. Кај мажите, кандидата предизвикува: баланит, постит или баланопоститит. Баланит (balanitis) е воспаление на главата (glans) на пенисот, а постит (postitis) е воспаление на внатарешниот дел на кожниот набор (prepucium) кој ја штити главата на пенисот. Често со инфекција се зафатени и двете структури, па затоа често се говори за габичен баланопостит (balanopostitis).

No comments:

Post a Comment